Во последното деноноќие, полицијата регистрирала шест пријави поврзани со семејно насилство, при што четири лица се лишени од слобода, соопштуваат надлежните.
Во Куманово, 49-годишен маж пријавил дека бил физички нападнат од сопругата, а случајот е во фаза на расчистување.
Во тетовско, 70-годишна жена пријавила дека била нападната од снаата (37), по што таа била лишена од слобода и задржана во полициска станица.
Во Неготино, 37-годишен маж бил приведен откако наводно во семејниот дом ѝ се заканувал на сопругата со остар предмет. При тестирање било утврдено дека бил под дејство на 2,23 промили алкохол.
Во скопско, 43-годишен маж бил лишен од слобода по пријава од сопругата дека физички ја нападнал.
Исто така, 29-годишна жена пријавила дека поранешниот сопруг и неговата сестра ја следат и снимаат, а полицијата постапува по случајот.
Во одделен инцидент во Скопје, 27-годишник бил приведен по пријава од мајка му дека агресивно се однесувал, искршил дел од покуќнината и физички ги нападнал неа и сопругот.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни пријави.







