Вистинска драма се одвива во близина на Лесковац, каде денеска беше пријавено исчезнување на двајца мажи на возраст од 37 и 46 години во близина на Езерото Барје.
Како што потврдија од Полициска управа Лесковац, пријавата за исчезнување била поднесена околу 16 часот, откако мажите од утринските часови не одговарале на телефонските повици, што предизвикало загриженост кај нивните најблиски.
Според информациите, тие имале викендичка во селото Црцавец, каде што биле и последен пат забележани. Токму тој реон во моментов е во фокусот на потрагата.
Од полицијата нагласуваат дека засега станува збор за пријава за исчезнати лица и дека нема официјална потврда за давење. Сепак, поради близината на езерото, на терен се преземени сите неопходни мерки.
Полициски екипи детално ја пребаруваат околината на езерото, шумските предели и пристапните патишта, а во акцијата се вклучени и пожарникари како дополнителна мерка на претпазливост.
Потрагата продолжува, а што точно се случило и каде се наоѓаат исчезнатите, засега останува мистерија.

















