Случај што ја шокираше Европа се случил во Португалија, каде 41-годишна Французинка е осомничена дека ги оставила своите две мали деца сами во шума, по бизарна и вознемирувачка „игра“.
Според истрагата, жената ги одвела момчињата на возраст од три и пет години во изолирано шумско подрачје кај Алкасер до Сал. Децата подоцна раскажале дека возрасните им ги врзале очите и им рекле да бараат играчка, по што биле оставени сами во шумата.
Малечките биле пронајдени како плачат и трчаат кон случаен минувач кој веднаш повикал помош. Кај нив биле пронајдени ранци со облека, вода, овошје и бисквити, а имале и видливи модринки по телото.
Осомничената Марин Русо била уапсена заедно со својот партнер, кого властите го идентификуваат како очув на децата. Француските медиуми пишуваат дека мажот имал проблематично минато и бил познат на полицијата.
Дополнителен шок предизвикал фактот што жената на социјалните мрежи се претставувала како сексолог и едукатор за родителство, каде објавувала совети за воспитување деца и емоционално здравје.
Португалските и француските власти сега истражуваат што точно се случило и дали децата биле жртви на подолготрајно злоставување.







