Во раните утрински часови на 6 август, 25-годишен скопјанец со прострелни рани заврши во Ургентниот центар откако беше нападнат и застрелан од својот сосед, со кој претходно имал конфликт во сообраќајот. Инцидентот се случил околу 00:30 часот, пред дворот на неговата куќа во населбата Бит Пазар.
Според информациите од МВР, недоразбирањето меѓу О.Е. и соседот Ќ.Ч. преминало во физичка пресметка, по што ситуацијата дополнително ескалирала кога Ќ.Ч. заедно со уште четири лица – М.Ч., Ш.Ч., О.Ч. и Б.М. – влегле во дворот на О.Е. и ги нападнале и неговиот татко и брат. Во текот на нападот, Ќ.Ч. извадил огнено оружје и пукал во О.Е., погодувајќи го во градниот кош и раката.
На местото на настанот била извршена истрага од страна на екипа на СВР Скопје, при што биле пронајдени три чаури. Полицијата информира дека по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против напаѓачите.