ПРВ.мк
Црна Хроника

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА АГРЕСИВНИОТ ТАТКО ОД КУМАНОВО: Заврши во психијатриска установа, сега и кривично ќе одговара!

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА АГРЕСИВНИОТ ТАТКО ОД КУМАНОВО: Заврши во психијатриска установа, сега и кривично ќе одговара!

Случајот што ја вознемири јавноста по потресното сведоштво на кумановката Меланија Цветковска доби нов развој. Нејзиниот 56-годишен татко се соочува со кривична пријава за загрозување на сигурноста, откако полицијата утврдила сомневања дека подолг период вршел психичко и физичко насилство врз членови на своето семејство.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека против кумановецот е поднесена соодветна пријава, а според полициските информации, насилното однесување траело подолг временски период и било насочено кон повеќе негови блиски.

Последниот пријавен инцидент се случил на 11 јули, кога, според МВР, тој психички ја малтретирал својата сопруга и се обидел физички да ја нападне. По настанот, лицето било пренесено во Психијатриската болница во Демир Хисар.

Случајот привлече големо внимание откако неговата ќерка, физиотерапевтката Меланија Цветковска, објави видео на социјалните мрежи во кое побара помош од институциите и јавно проговори за состојбата во семејниот дом.

Во видеото таа посочи дека не бара сожалување, туку конкретна реакција од надлежните служби, нагласувајќи дека семејството со години живеело во страв.

„Не барам никој да ме сожалува, туку помош од институциите“, порача Цветковска во објавата која брзо се прошири на интернет.

Според нејзиното сведоштво, во домот живеат три жени и нејзиниот брат кој има церебрална парализа. Таа тврдела дека семејството подолг период било изложено на закани, притисоци и различни форми на насилство.

Членовите на семејството посочиле дека претходните обиди за решавање на проблемот и хоспитализација на таткото со години не давале резултат. Тие тврделе дека ситуацијата дополнително била тешка бидејќи не можеле едноставно да го напуштат домот поради здравствената состојба на братот на Меланија, кој користи инвалидска количка.

Според нивните наводи, таткото одбивал развод и заминување од заедничкиот дом, што дополнително ја отежнувало состојбата во семејството.

Местото за негово сместување во Психијатриската болница во Демир Хисар било обезбедено откако видеото беше јавно објавено на Инстаграм и откако случајот доби големо медиумско внимание.

Надлежните институции продолжуваат со постапките за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со пријавеното семејно насилство.

Најнови вести