Контролите спроведени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во изминатите 11 месеци открија сериозни пропусти во работата на службите за Итна помош и домашна нега. Во неколку помали места биле регистрирани недостатоци, како што се отсуство на ампули против болка, а амбулантата во Шуто Оризари не функционирала поради недостиг на персонал. Исто така, од пациенти биле наплатувани трошоци за превоз.
ФЗО извршил вкупно 37 контроли – осум во Скопје и 29 во внатрешноста на земјата. Уредни состојби биле утврдени во 23 здравствени установи, додека во 14 биле констатирани неправилности. Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека и покрај редовното доставување на податоците до надлежните институции, реакции по контролните надзори речиси и да нема.
Паралелно, биле проверени и 26 јавни здравствени установи, каде биле утврдени неправилности како незаконско зголемување на плати во болници со долгови, исплата на додатоци за сменска работа и дежурства без правна основа и прекувремена работа над дозволените 32 часа месечно. Дел од наодите, според Клековски, содржат елементи на кривични дела.
Најчести прекршувања биле: погрешна пресметка на часови за дежурства во 11 ЈЗУ, комбинирање на додатоци за сменска работа и дежурства во 4 ЈЗУ, прекувремена работа над нормата во 2 ЈЗУ, недоставување на бараната документација во 8 ЈЗУ, незаконска исплата на бонуси во 2 ЈЗУ и други неправилности во 4 ЈЗУ.
Здравствените установи имаат рок од два месеца да ги коригираат утврдените пропусти, а ФЗО најавува дополнителни објави од следните контроли.
















