Голема полициска акција била спроведена во текот на ноќта на 14 кон 15 ноември на подрачјето на скопската општина Центар, при што биле констатирани бројни прекршоци, а повеќе лица биле лишени од слобода и приведени.
Акцијата се одвивала во периодот од 22:00 до 07:00 часот, а во неа учествувале полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар, заедно со Државниот пазарен инспекторат.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, при контролите биле констатирани 18 прекршоци според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Дополнително, 12 лица биле лишени од слобода по член 215 од Кривичниот законик, едно лице било лишено поради безобѕирно управување со моторно возило, а три лица по член 204 од Кривичниот законик. Уште пет лица биле приведени по членовите 4 и 6 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
СЕДУМ МАЛОЛЕТНИЦИ КОНСУМИРАЛЕ АЛКОХОЛ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТ
Посебно внимание привлекол делот од контролата во угостителските објекти. Во еден од нив биле затекнати седум малолетници кои консумирале алкохол.
При проверките било забележано и дека во тобако-продавница се продавал алкохол на малолетни лица. По утврдената состојба, заедно со Државниот пазарен инспекторат биле преземени мерки за соодветно санкционирање.
КОНТРОЛА И НА ТЕХНО-ЖУРКА ВО ПОДЗЕМЕН ПАРКИНГ
Во истиот период, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје спровеле дополнителна контрола на техно-журка организирана во подземен паркинг на улицата „Кресненско востание“.
За време на активноста биле легитимирани 65 лица, а бил извршен преглед и на 13 возила. При контролата едно лице било лишено од слобода по член 215 од Кривичниот законик.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за сите утврдени прекршоци ќе следуваат соодветни санкции.






