ПРВ.мк
Црна Хроника

Страшен случај ја потресе јавноста: Четиримесечно бебе оставено да умре од глад

Страшен случај ја потресе јавноста: Четиримесечно бебе оставено да умре од глад

Покраинскиот суд во германскиот град Ицех ги осуди на доживотен затвор мајката и таткото на четиримесечно девојче, откако утврди дека поради тешко запоставување нивното дете починало од глад.

Според пресудата, родителите, кои во времето на трагедијата имале по 24 години, во текот на септември 2025 година не му обезбедувале доволно храна и течности на бебето, а не побарале ниту навремена медицинска помош. Обдукцијата покажала дека непосредната причина за смртта било гладувањето.

Судот оценил дека станува збор за убиство со тешка злоупотреба на дете кое било под нивна непосредна грижа. Претседавачкиот судија Јохан Ломан изјавил дека случајот е еден од најстрашните со кои се соочил и дека „го остава човекот без зборови“.

За време на судењето, мајката признала дека околу две недели пред смртта забележале дека бебето губи тежина, но наместо веднаш да се обратат кај лекар, се обиделе почесто да го хранат дома. Таа признала и дека пропуштила закажани лекарски прегледи.

Таткото изјавил дека тој и сопругата биле исцрпени од грижата за трите мали деца, меѓу кои и тригодишни близнаци. Сепак, судскиот совет не ги прифатил овие објаснувања, оценувајќи дека родителите биле должни навреме да реагираат и да побараат медицинска помош за беспомошното дете.

Случајот предизвика силни реакции во Германија и повторно ја отвори дебатата за навремената интервенција на здравствените и социјалните служби во семејствата каде што постојат сериозни ризици за децата.