ПРВ.мк
Црна Хроника

АЛАРМАНТЕН ИЗВЕШТАЈ: Смртта демне во фабриките и на скелињата, Македонија мора да воведе европски ред за да спаси животи!

АЛАРМАНТЕН ИЗВЕШТАЈ: Смртта демне во фабриките и на скелињата, Македонија мора да воведе европски ред за да спаси животи!

Македонија се соочува со застрашувачки бројки кога станува збор за безбедноста на работните места, открива најновиот Годишен извештај на Здружението за заштита при работа по повод 28 април.

Во текот на изминатата година се евидентирани дури 132 несреќи на работното место, од кои за жал 31 завршиле со фатален исход, што е јасен сигнал дека многу вработени секојдневно го ризикуваат животот за парче леб. Најкритична е состојбата во преработувачката индустрија каде се случиле најмногу инциденти, а веднаш зад неа се градежништвото и јавната управа. Како еден од најтрагичните настани кој ја одбележа годината и ја нагласи потребата од итни контроли беше посочен катастрофалниот пожар во Кочани, кој покажа дека пропустите во безбедносните протоколи се плаќаат со човечки животи. Експертите се децидни дека безбедноста не смее да биде само празна фраза на хартија, туку основно човеково право и должност на секој работодавач.

Во Скопје веќе започнаа големи меѓународни проекти поддржани од Европската Унија, кои имаат за цел до 2028 година целосно да ја модернизираат трудовата инспекција и да воспостават дигитален систем за следење на ризиците. Покрај физичките повреди, новиот фокус на институциите е насочен и кон менталното здравје и стресот кај работниците, со јасна порака дека продуктивност е можна само во здрава и сигурна средина.

Секој работник заслужува да се врати дома неповреден, а државата ветува дека ќе го засили надзорот за да се спречат нови црни статистики.