Петмина од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и по пет месеци од трагичниот настан продолжуваат да се лекуваат во болници, како во земјава, така и во странство. Двајца пациенти се наоѓаат во здравствена установа во Истанбул, Турција, при што едниот е во завршна фаза на третман и наскоро се очекува да се врати во Македонија. Тројца остануваат во домашни здравствени установи – едно лице на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и двајца во болницата „Аџибадем Систина“.
Од овие пет пациенти, двајца се во тешка состојба, а нивниот здравствен статус се следи со особено внимание од медицинските тимови, истакнуваат од Фондот за здравствено осигурување.
Катастрофалниот пожар се случи на 16 март, околу два часа по полноќ, за време на настапот на дуото ДНК во дискотеката „Пулс“. Во трагедијата загинаа 62 лица, меѓу кои шест малолетници, додека над 150 млади се здобија со тешки повреди, а 54 беа полесно повредени.