Силно невреме проследено со екстремно обилни врнежи предизвика сериозни поплави и големи материјални штети во северозападните делови на Грција. За само неколку часа, регионот на Јањина примил околу 280 милиметри дожд, што доведе до поплавени подруми и приземја, како и до блокирани патишта поради бројни свлечишта.
Најкритична е состојбата на островот Крф, каде последиците се драматични. Селото Карусаѓес е целосно отсечено од околината, а локалната полициска станица е затрупана со кал. Дел од патиштата се во целосен прекин поради уништената инфраструктура, а властите соопштија дека училиштата ќе останат затворени во понеделник.
Ситуацијата ја отежнува фактот што силниот пожар во северниот дел на Крф во 2023 година уништи голем дел од вегетацијата, што дополнително ја зголеми ранливоста на теренот на поплави и свлечишта.
Иако врнежите се очекува да продолжат, прогнозите најавуваат намалување на интензитетот. Метеоролозите сепак предупредуваат дека штетите се веќе значителни и дека следните денови ќе бидат критични за стабилизирање на погодените подрачја.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА















