Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово во Сенагo, во пошироката област на Милано, животот го загубија повеќе млади лица откако автомобил излетал од патот и паднал во канал.
Несреќата се случила во недела околу 05:00 часот, кога „Ауди“ во кој имало најмалку девет млади лица излетал од коловозот и завршил во каналот Вилорези, пренесува „Кориере дела Сера“.
Спасувачките екипи досега го извлекле телото на 18-годишна девојка од каналот. Во тек е потрага по телата на уште двајца млади, 18-годишник и 17-годишник, за кои се претпоставува дека останале заробени во потопеното возило.
Неколку повредени лица, на возраст меѓу 17 и 19 години, се пренесени во болницата „Нигуарда“ во Милано. Според првичните информации, тие не се во животна опасност.
Според првите податоци од истрагата, автомобилот го управувал 19-годишен италијански државјанин. Во возилото во моментот на несреќата имало најмалку девет лица, дел од нив малолетни.
На местото на несреќата пожарникарите и понатаму работат на извлекување на возилото од каналот, додека карабинерите од станиците во Чезате и Ро ја истражуваат точната причина и околностите за излетувањето од патот.






