Трагедија го потресе светот на бодибилдингот откако 33-годишниот Матеуш Хмура почина по ненадејно влошување на здравствената состојба за време на натпреварување во Велика Британија. Младиот спортист се струполил на сцената пред публиката и судиите, само еден ден пред да го прослави својот 34. роденден.
Несреќата се случила на 18 октомври, за време на финалето на натпреварувањето „PCA British Finals“ во Телфорд, каде што Хмура настапувал во категоријата класичен бодибилдинг.
Додека ја изведувал својата натпреварувачка презентација, тој ненадејно изгубил свест и паднал на сцената.
Медицинските екипи веднаш започнале со реанимација, а во обидите за спасување се вклучиле и медицински лица кои се наоѓале меѓу гледачите. Спортистот бил пренесен во болница, но и покрај напорите на лекарите, неговиот живот не бил спасен.
Причината за ненадејната смрт засега не е официјално утврдена.
Особено потресен е фактот што Хмура, кој имал полско потекло и живеел во британскиот град Вејкфилд, пред само два месеца стапил во брак со својата сопруга Патриција.
Според информациите, тој бил исклучително посветен на бодибилдингот, а само две недели пред трагедијата го имал својот прв натпреварувачки настап, на кој успеал да го освои второто место.
Наместо на 19 октомври да го прослави својот 34. роденден, неговото семејство се соочило со огромна загуба.
Организаторите го прекинале натпреварувањето додека му била укажувана медицинска помош. По неговото пренесување во болница, во договор со натпреварувачите било одлучено програмата да продолжи, бидејќи во тој момент сè уште немале информација дека Хмура починал.
По трагедијата, неговата сопруга Патриција јавно им се заблагодарила на сите што ѝ испратиле пораки со поддршка и сочувство.
Истовремено, таа предупредила дека на интернет се појавила неовластена кампања за собирање парични донации во име на семејството и ги повикала граѓаните да не уплаќаат средства.
Организацијата „Physical Culture Association“ изразила длабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што го познавале, нагласувајќи дека станува збор за огромна трагедија за спортската заедница.







