Малолетно момче било физички нападнато од група други малолетници во скопската населба Влае, а во нападот, според пријавата, бил употребен и тврд предмет. Полицијата работи на утврдување на сите околности и целосно расчистување на случајот.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“, случајот бил пријавен на 18 октомври 2026 година, во 15:30 часот, во Секторот за внатрешни работи Скопје. Пријавата ја поднела 39-годишна жена.
Според нејзиното сведочење, нападот се случил околу 00:30 часот на подрачјето на Влае, кога група малолетници физички го нападнале нејзиниот син. Во пријавата е наведено и дека дел од лицата кои учествувале во нападот му биле познати на момчето.
Засега нема официјални информации дали малолетникот се здобил со повреди, ниту, пак, што му претходело на инцидентот и која била причината за нападот.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што треба да бидат утврдени сите релевантни околности.





