Измама поврзана со тргување со криптовалути е пријавена во СВР Велес, откако 48-годишен жител на Куманово останал без 43.750 евра, убеден дека купува крипто средства.
Според пријавата, на 26 февруари 2026 година околу 20 часот, оштетениот го пријавил случајот во полиција. Претходно, тој објавил оглас на социјална мрежа дека сака да откупи криптовалута. Набргу потоа, преку друга социјална мрежа стапил во контакт со лице со кое договориле трансакцијата да се реализира во крипто менувачница во Велес.
Според договорот, требало да уплати готовина, а за возврат да добие крипто средства на својата дигитална адреса. Тој ги предал 43.750 евра на вработено лице во менувачницата, по што му било кажано дека средствата се испратени на наведената адреса.
Сепак, криптовалутата никогаш не пристигнала. Во меѓувреме, лицето со кое комуницирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирало неговиот телефонски број, како и бројот на менувачницата. Тогаш сфатил дека станува збор за измама.
За настанот е известен јавен обвинител, а надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


















