ПРВ.мк
Црна Хроника

МВР објави алармантни податоци: Ова е бројот на пријави за семејно насилство за само две недели!

МВР објави алармантни податоци: Ова е бројот на пријави за семејно насилство за само две недели!

Во последните две недели, Министерството за внатрешни работи регистрира сериозен бран на семејно насилство, поднесувајќи 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела, од кои шест се решени по брза постапка.

На подрачјето на СВР Скопје дополнително се пријавени пет случаи на родово базирано насилство – три за „загрозување на сигурноста“ и две за „демнење“, а во овие случаи се изречени пет мерки притвор и една мерка „претпазливост“.

Според податоците на МВР, најголем дел од делата се „загрозување на сигурноста“ (11 случаи) и „телесна повреда“ (10 случаи), но се забележани и тешки инциденти: „тешка телесна повреда“, „неизвршување судска одлука“, „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“ и „полов напад и силување“.

Во врска со обидот за убиство во Скопје, сторителот е веќе лишен од слобода, а МВР презема мерки за целосно документирање на случајот и поднесување соодветна кривична пријава.

Најмногу пријави се регистрирани во Скопје и Струмица – по пет, следуваат Охрид со четири, Штип три, Куманово две, и по една пријава во Тетово и Велес.

Во текот на двонеделниот период се пријавени 39 настани поврзани со семејно насилство и 63 поплаки за истиот вид настани. МВР истакнува дека трендот на изречени мерки притвор по брза постапка расте, особено по законските измени, што продолжува и во 2026 година.

Најнови вести