Во пожарот што синоќа го зафати фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини“ во Виница, осум лица кои вдишале чад се пренесени на Клиниката за токсикологија во Клиничкиот центар во Скопје, информираше в.д. директорката на Општата болница во Кочани, Катерина Паниќ Мирчовска.
Во болничко лекување во Кочани остануваат уште четири лица, сите пожарникари, со полесни изгореници на долните екстремитети. Сите пациенти се во стабилна здравствена состојба и нема животно-загрозувачки случаи.
Претходно, во Кочанската болница биле примени вкупно 18 лица повредени во пожарот, од кои дел биле пуштени дома по извршени дополнителни интервенции.
Пожарот избувнал во 18:40 часот во магацините и производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. Во гаснењето учествувале противпожарни единици од Виница и соседните општини.