Брачен пар од американската сојузна држава Мичиген е обвинет за убиство од втор степен, тортура и повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба и занемарување на дете, по смртта на нивниот седумгодишен син Каспер О'Брајан. Според обвинителството, момчето во моментот на смртта тежело околу 115 килограми, а трагичниот исход бил последица на долгогодишно сериозно занемарување.
Според резултатите од обдукцијата, детето починало од дилатациона кардиомиопатија – сериозно заболување на срцето, при што како значаен фактор е наведена морбидната дебелина. Истражителите тврдат дека момчето било врзано за креветот, ретко добивало медицинска нега и главно се хранело со чипс и помфрит. За помалку од две години неговата тежина се зголемила од околу 45 на речиси 116 килограми.
Обвинителството наведува дека детето не посетувало училиште и дека, и покрај тоа што имало аутизам, не добивало соодветна здравствена грижа. При увидот во домот, полицијата затекнала лоши услови за живот, а истрагата утврдила дека и неговата петгодишна сестра била жртва на занемарување. Таа е сместена во згрижувачко семејство.
Доколку бидат прогласени за виновни по обвиненијата за убиство и тортура, родителите се соочуваат со можност за доживотна затворска казна. Нивните адвокати засега не ги коментираат деталите од случајот, истакнувајќи дека нивните клиенти се сметаат за невини сè додека вината не биде докажана на суд.






