Обвинителството за организиран криминал на Србија соопшти дека петмина осомничени во случајот со рекордната заплена на повеќе од пет тони марихуана, откриени во четвртокот во селото Коњух кај Крушевац, на рочиштето го искористиле своето законско право да се бранат со молчење.
Јавниот обвинител за организиран криминал издаде наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски, поради основано сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
По сослушувањето, јавниот обвинител му предложил на судијата за претходна постапка при Специјалното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград, на сите осомничени да им биде определен притвор. Предлогот е образложен со исклучителната тежина на делото и со фактот дека станува збор за досега најголема заплена на марихуана во Србија, во вкупна количина од точно 5.002.079,18 грама.
Дополнителна отежнувачка околност е тоа што Александар Мијајловиќ, кој според истрагата е означен како организатор на организираната криминална група, моментално се наоѓа во бегство. Поради тоа, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за распишување потерница по него, вклучително и меѓународна.
Според досегашните сознанија, организираната криминална група дејствувала на меѓународно ниво. Од почетокот на јануари 2026 година па сè до 29 јануари 2026 година, групата се стекнала со повеќе од пет тони марихуана на територијата на Република Северна Македонија. Согласно планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку границата до магацин во сопственост на семејството Спасојевиќ во Србија, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја преземал за понатамошна дистрибуција и продажба.
Особено внимание кај истражните органи предизвика фактот дека Иван Драгниќ е ко-сопственик на компанијата „Алфафарм“ со седиште во Скопје, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис, што отвора сериозни сомнежи за евентуална злоупотреба на легалната дејност за нелегални цели, наведуваат српските медиуми.
Со оглед на тоа што дел од извршните дејствија се поврзани со територијата на Северна Македонија, истрагата има изразен меѓународен карактер. Надлежните органи најавуваат дека во продолжението на постапката ќе бидат расветлени сите околности поврзани со овој случај, ќе бидат идентификувани евентуални други учесници и ќе се утврди целосното потекло на запленетата наркотична дрога.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој лично излезе на местото на заплената, изјави дека станува збор за најголемата поединечна заплена на дрога во историјата на српската полиција. Тој потсети дека претходниот рекорд изнесувал 1.960 килограми, додека во текот на целата мината година на територијата на Србија биле запленети вкупно 6,1 тони различни наркотични средства.

















