Штип е во неверување откако МВР разоткри неверојатна измама во која главни актери се токму оние кои требаше да бидат најголема поддршка на најранливите. Тројца „асистенти“ со години глумеле хуманост додека бесрамно го цицале државниот буџет!
Станува збор за три лица (на возраст од 44 до 57 години), сертифицирани асистенти ангажирани преку Црвениот крст. Нивната задача била да им помагаат на лица со попреченост во Штип, Кочани и Свети Николе. Но, наместо на терен, тие „работеле“ само на хартија. Редовно поднесувале лажни извештаи, измислувајќи работни часови кои никогаш не ги одработиле, а државата уредно им ги исплаќала парите.
Полициската истрага открива фрапантни бројки. Овие „хуманитарци“ успеале да направат вкупна штета од над 415.000 денари на буџетот. Еден од нив успеал да „лапне“ цели 162.000 денари, додека другите двајца си додавале помали, но сепак значителни суми на своите сметки.
Измамата конечно пукна, а МВР веќе поднесе кривични пријави. Случајот е во рацете на Обвинителството, а јавноста е згрозена – како е можно некој да заработува на маката на луѓето со попреченост? Овие „асистенти“ сега ќе мора да го објаснуваат својот „трудољубив“ ангажман пред судија!






