Романија соопшти дека пронашла две масерки заразени со лепра во спа центар во северозападниот град Клуж, што претставува прв потврден случај на болеста во земјата од Европската Унија по повеќе од четири децении.
Дополнително, уште две лица се тестираат за можна инфекција, објави „Ројтерс“. Двата потврдени случаи се индонезиски државјани на возраст од 21 и 25 години, кои моментално примаат третман, соопшти Министерството за здравство на Романија.
Министерот за здравство, Александру Рогобете, изјави дека корисниците на спа центарот немаат причина за загриженост, бидејќи за пренос на лепрата е потребна продолжена и блиска изложеност на заразеното лице.
Една од заразените масерки неодамна се вратила од Азија, каде што поминала еден месец со нејзината мајка, која моментално е хоспитализирана со иста болест, изјави Рогобете за државната новинска агенција Агерпрес.
Здравствените власти го затворија спа центарот додека трае истрагата и дополнителните тестирања, пренесе „Н1“.
Последниот потврден случај на лепра, позната и како Хансенова болест, во Романија е регистриран пред 44 години, соопшти Министерството за здравство.
















