ПРВ.мк
Црна Хроника

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА: Петмина се удавиле обидувајќи се да спасат еден човек - две малолетни деца биле сведоци

СТРАШНА ТРАГЕДИЈА: Петмина се удавиле обидувајќи се да спасат еден човек - две малолетни деца биле сведоци

Страшна трагедија ја потресе американската држава Охајо, каде што пет лица ги загубија животите при обид да спасат човек кој почнал да се дави во реката Скиото.

Според информациите од канцеларијата на шерифот на округот Делавер, несреќата се случила во неделата вечерта во близина на езерото О'Шогнеси, северозападно од Колумбус.

На брегот на реката престојувала група од најмалку седум лица, меѓу кои два брачни пара, нивен пријател и две деца. Додека дел од нив ловеле риба, еден од возрасните влегол во водата да плива, но набргу почнал да се дави.

Двајца возрасни веднаш се обиделе да му помогнат, но и самите западнале во опасност. Потоа уште двајца влегле во реката за да ги спасат, по што сите петмина исчезнале под водата.

Итните служби биле алармирани откако едно од децата истрчало до блискиот пат и запрело автомобил, кажувајќи дека неговото семејство е во реката. Спасувачките екипи брзо пристигнале и ги пронашле телата на двете жени, кои биле прогласени за мртви во болница. Телата на тројцата мажи биле пронајдени следниот ден.

Шерифот Џефри Балцер изјави дека вакви трагедии се случуваат кога луѓе без соодветна обука се обидуваат да спасат давеник, при што ризикуваат и сопствени животи.

Двете деца, кои се помлади од десет години, биле преземени од локалната служба за заштита на деца.