Судењето против Стојанче Јовановски во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи со нови сведоштва кои дополнително ја вознемирија јавноста. Обвинетиот се товари за семејно насилство и наведување на самоубиство во случајот поврзан со смртта на неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната шестгодишна ќерка Катја Јовановска.
На денешното рочиште сведочеа член на семејството и соседка, чии искази опишаа долготрајна атмосфера на страв, притисок и наводно насилство во домот на Прашка улица. Братот на починатата Ивана изјави дека таа живеела под постојани закани и уцени од страна на обвинетиот. Тој наведе дека во еден момент бил побаран износ од 30.000 евра за тој да се повлече од станот, со закани дека ќе ѝ биде одземен домот.
Според неговото сведочење, Ивана се обидувала да побара помош од семејството, но истовремено била исплашена и под голем притисок. Тој додаде дека со текот на времето таа станувала сè поизолирана, а постоеле и сомнежи за можни манипулации со документи поврзани со имотот. Дополнително, семејството било загрижено и поради тоа што обвинетиот поседувал оружје, како и сомнежи дека комуникацијата во одредени моменти не доаѓала директно од неа.
Соседката Тања Спировска сведочеше за чести вознемирувачки сцени кои доаѓале од станот, опишувајќи викање, тропање и силна бучава пред трагичниот настан. Таа изјави дека една ноќ околу 2 часот наутро слушнала детски крик и зборови: „Тато, ќе ја убиеш мама“, по што заедно со други соседи излегла во ходникот, но не забележале ништо надвор од станот.
Таа додаде дека двапати повикала полиција од полициската станица Карпош. Според нејзините зборови, првиот полициски службеник реагирал коректно, додека вториот настапил нервозно и дури се заканил со пријава за лажно пријавување.
Сведоштвата повторно го отвораат прашањето за навременото препознавање на семејното насилство и улогата на институциите во реагирање на вакви случаи, особено кога постојат индиции и предупредувања од околината. Судењето продолжува со изведување нови докази и сослушување на сведоци во наредниот период.










