ПРВ.мк
Црна Хроника

Нови докази за трагедијата во ‘Пулс’: Заклучени врати и пиротехника ја запечатија судбината на младите!

Нови докази за трагедијата во ‘Пулс’: Заклучени врати и пиротехника ја запечатија судбината на младите!

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што животот го загубија 63 млади лица, денеска доби нова драматична димензија. Јавното обвинителство презентираше свежи докази од увидот на местото на несреќата, откривајќи сериозни пропусти во безбедноста на објектот.

Според обвинителството, внатрешноста на дискотеката била преполна со горливи материјали – стиропор, гипс картон, дрво и сунѓер набавен уште во 2012 година, кој при горење создавал жешки капки. Токму тие траги биле пронајдени и кај дел од жртвите, меѓу кои и кај пејачот Андреја Ѓорѓиевски.

Фотоалбум со 92 фотографии ја прикажа состојбата по пожарот – распоредот на бината, заклучените врати и решетките на прозорците. Особено внимание предизвика пиротехничка фонтана со домет поголем од растојанието до плафонот, што дополнително ја зголемило опасноста.

Обвинителството посочи дека три противпожарни апарати биле пронајдени празни, што укажува на неподготвеност за справување со огнената стихија. Евакуацијата била речиси невозможна – странична врата без рачка, заклучена со катанец, и нефункционални излези ја запечатиле судбината на присутните.

Во записникот е наведено дека пожарот избувнал како последица на употреба на пиротехнички средства од музичката група ДНК.