ПРВ.мк
Балкан

Факели, судири и прекината седница: Ескалација во парламентот

Факели, судири и прекината седница: Ескалација во парламентот
Kristal

Во албанскиот парламент денеска дојде до сериозни инциденти и хаотични сцени, откако опозициските пратеници влегоа во директен судир со полицијата, во услови на повеќенеделни политички тензии поврзани со обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку и други високи функционери од владата на премиерот Еди Рама, објави „Еуроњуз Албанија“.

За време на седницата, дел од опозициските пратеници запалија факели во салата, фрлаа вода кон претседателот на парламентот и ги зазедоа местата наменети за членовите на владата, со цел да ја блокираат работата на Собранието. По ескалацијата, полицијата интервенираше за да воспостави ред.

Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, остро реагираше, порачувајќи дека, според него, не може да функционира парламент во кој седат лица обвинети за корупција и насилство. „Не може да има парламент со оние што крадат и тепаат. Законот и само законот мора да преовлада“, изјави Бериша.

Опозициските пратеници бараат јавно и официјално да се објават обвиненијата против вицепремиерката Балуку. Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал веќе побарало од парламентот да одобри нејзино апсење, а за барањето се очекува да се гласа утре, во петок. Парламентот, во кој мнозинство има владејачката партија на премиерот Рама, ќе ја донесе конечната одлука.

Според обвинителството, Балуку, која претходно ја извршуваше функцијата министерка за инфраструктура и енергетика и важи за еден од најблиските соработници на Рама, се сомничи за вмешаност во коруптивни практики поврзани со фаворизирање компании ангажирани на големи инфраструктурни проекти, меѓу кои тунел и кружен пат во Тирана.

Во обраќање пред парламентот минатиот месец, Балуку ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „клевети, инсинуации, полувистини и лаги“, и истакна дека целосно ќе соработува со судските органи.


Видео:

FixCredit
Escape