Земјоделците од северна Грција, кои повеќе од две недели со своите трактори протестираат на граничниот премин Евзони, попладнево повторно ја прекинаа сообраќајната комуникација меѓу Грција и Македонија. Границата беше затворена за сите видови возила во периодот од 18 до 22 часот по локално време.
Грчките медиуми информираат дека за вечерва е најавена и блокада на граничниот премин Ники, познат и како Меџитлија, која ќе трае од 19 до 23 часот и ќе се однесува исклучиво на товарниот сообраќај.
Покрај тоа, ограничувања има и на други гранични точки. На преминот Кипи кон Турција е запрен сообраќајот за камиони, додека кај Промахонас, на границата со Бугарија, земјоделците ја затворија трасата за товарни возила на неопределено време. Според грчката државна телевизија, на двете страни на границата веќе се формирале долги колони од камиони.
За утре е закажан нов состанок на земјоделските здруженија, на кој ќе се донесе одлука за понатамошните активности и евентуално проширување на протестите.
Протестите започнаа на 30 ноември како реакција на зголемените трошоци за производство, ниските откупни цени, како и незадоволството поврзано со европските земјоделски субвенции. Клучното барање на земјоделците е исплата на заостанатите финансиски средства.
Во моментов, низ цела Грција се активни повеќе од 60 блокади, при што најголемата е кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун–Атина, кој е целосно затворен, а сообраќајот се пренасочува по алтернативни правци.
















