Од денеска стапува во сила новиот Закон за безбедност во сообраќајот во Грција, кој носи драстични казни за прекршоците на патиштата. Брзина, користење мобилен телефон, неносење појас или кацига, и возење под дејство на алкохол сега се казнуваат со парични казни до 8.000 евра, одземање на возачка дозвола и во екстремни случаи – затвор.
Новиот закон воведува систем на казни на повеќе нивоа при повторување на прекршокот, построги казни за совозачи и модерни методи за откривање на психоактивни супстанции. Возачите што ќе ја надминат дозволената брзина над 200 км/ч, ќе се соочат со највисоки казни и долгорочно одземање на дозволата.
Еве што треба да знаете за најважните измени:
- Користење мобилен телефон при возење: од 350 до 2.000 евра, со одземање на дозволата до една година и активирање на Кривичниот законик ако предизвика несреќа.
- Неносење појас или кацига: казни од 350 до 2.000 евра, одземање на возачката дозвола, и казни и за возачот и за совозачот.
- Брзина над дозволената граница: казни од 700 до 8.000 евра и одземање на дозволата до четири години.
- Возење под дејство на алкохол: од 350 до 4.000 евра, одземање на дозволата до 10 години и затвор од два месеци до пет години.
Грчките власти апелираат на внимателно возење – прекршоците сега се строго санкционирани, а целта е драстично намалување на несреќите на патиштата.














