Тракторите направија обрач околу шаторите во Пионерскиот парк во центарот на Белград каде што мала група студенти кои велат дека сакаат да учат одбиваат да си заминат и им пркосат на тримесечните блокади на факултетите во Србија. Опозициските медиуми во Србија велат дека тракторите биле обезбедени од владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ.
Трактори го окупираа Пионерскиот парк во центарот на Белград во поддршка на мала група студенти кои веќе 8 дена кампуваат велејќи дека сакаат да учат. Машините кои се поставени околу шаторите се еден вид обрач за движењето „Студенти 2.0“ кое бара да прекинат студентските блокади кои со месеци траат низ земјата и ја блокираат наставата на факултетите.
Дел од јавноста ја обвини владејачката партија на Александар Вучиќ дека стои зад организацијата на овој протест, а дел од насобраните во паркот тоа го демантираа.
Српскиот претседател Вучиќ вчера ги замоли студентите кои се наоѓаат во Пионерскиот парк да си одат дома во сабота и да се вратат следниот ден.
– Детално го разгледавме секој сегмент и одлучивме дека ние, студентите кои сакаме да студираме, ќе останеме во паркот Пионер до понатамошно известување – изјави студентот по медицина Милош Павловиќ нагласувајќи дека ги разбира сите што мислат дека треба да се преселат во сабота.
Тој вели „го разбираме претседателот кој ни го испрати барањето од причина што никој не е загрозен, но и вие да нè разберете. Ние сме овде законски и легитимно, ни зедоа сè, тука сме и ќе останеме тука да се бориме за нашите права“.
Блокадата со трактори доаѓа само ден пред најавениот ден Д во сабота на 15 март кога илјадници студенти од цела Србија ќе допешачат во Белград и ќе бидат пречекани на плоштадот Теразије. Најавата е дека студентите ќе извршат тридневна блокада на главниот град. Српскиот парламент обзнани дека од безбедносни причини ќе биде затворен до понеделник.
Во меѓувреме тракторите го окупираа центарот на Белград.
Кој ги донесе тракторите во центарот на Белград? Српски „Данас“, цитирајќи земјоделец, тврди дека машините Српската напредна партија (СНС) му ги отстапила на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ѓоко Ќурчиќ за Бета изјави дека пред два дена членови на СНС собрале трактори од Војводина, од Тител, Кузмин, Бачка Паланка, Жабља и други места и ги транспортирале до местото на поранешната фабрика за трактори ИМТ и во населбата Алтина во Земун.
Тракторите биле паркирани околу паркот Пионер без возачи, за да се зачува идентитетот на сопствениците, а синоќа, како што изјавил Ќурчиќ, биле пронајдени возачи во Белград да ги превезат до тој парк.
– Оваа „сува интелигенција“ која протестира под прозорците на Претседателството ја чуваат трактори на членови на СНС – рече Ќурчиќ.
Во меѓувреме „соперниците“ на студентите „кои сакаат да учат“, илјадниците демонстранти кои на голем протест в сабота се надеваат дека ќе се разреши политичката криза во земјата, апелираа до властите да ја отстранат шаторската населба од Пионерскиот парк и да спречат поставување шатори барем до понеделник.