На Универзитетот во Истанбул каде вчера му беше поништена дипломата на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, попладнево избија инциденти на протестот кој го организираа студентите, откако утрово беше уапсен градоналникот и кандидат на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) за претседател на Турција.
Гувернерот на Истанбул издаде забрана за протести и собирања на граѓаните во траење од 4 дена но студентите на Универзитетот сепак се собраа да протестираат. Полицијата се обиде да го блокира маршот, но илјадници демонстранти, извикувајќи продемократски слогани, успеаја да го разбијат.
Надвор од главната капија, студентите ги повикаа другите студенти да ги бранат своите демократски права и слободи. Маршот потоа се упати кон градското собрание во областа Сарачане.
На протестот се приклучија и студенти од други универзитети во Истанбул. Полицијата ги запре демонстрантите пред Економскиот факултет. Ситуацијата и понатаму е тензична, додека студентите изјавуваат дека ќе продолжат со протестите.