Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека 175 украински војници биле ослободени од руско заробеништво, додека дополнителни 22 војници, вклучувајќи тешко ранети, се враќаат дома. Според Зеленски, овие разменети борци ќе добијат неопходна медицинска и психолошка помош.
„Денес е важен ден за Украина, кога нашите војници се враќаат дома. 175 украински борци се ослободени, а уште 22 се враќаат благодарение на други договорени мерки. Меѓу нив се и тешко ранетите и оние кои биле прогонувани од Русија за наводни злосторства“, изјави Зеленски.
Претседателот истакна дека ова е една од најголемите размени на затвореници досега и дека украинските војници кои се вратени дома доаѓаат од различни фронтови, вклучувајќи Мариупол, Азовстал, Донбас, Херсон, Харков и Миколаив.
Во исто време, руското Министерство за одбрана информираше дека 175 руски војници биле ослободени од украинските сили. Русија нагласи дека војниците се наоѓаат во Белорусија, каде им е обезбедена медицинска и психолошка поддршка. Тие ќе бидат транспортирани во Русија за понатамошно лекување и рехабилитација.
Еден ден порано, рускиот претседател Владимир Путин го информираше американскиот претседател Доналд Трамп за размената на затвореници, нагласувајќи дека ова е „гест на добра волја“, кој вклучува и пренос на тешко ранети украински војници во Киев.