Со почетокот на летната туристичка сезона повторно се активираат строгите правила на граничните премини кон Грција, а многу патници секоја година се соочуваат со непријатни изненадувања поради работи што мислеле дека се „безбедни“ за носење. Иако контролите понекогаш изгледаат порелаксирани, правилата на Европската унија важат без исклучок и нивното прекршување може да доведе до одземање на производи, дополнителни проверки и парични казни.
Најстрого ограничување се однесува на производи од животинско потекло. Во Грција и останатите земји од ЕУ е забрането внесување месо и месни производи, млеко и млечни производи, како и готови јадења кои содржат месо или млечни состојки. Ова значи дека дури и домашно подготвена храна, доколку содржи вакви состојки, може да биде запленета на граница без можност за враќање.
Царинските служби имаат овластување да ги конфискуваат овие производи веднаш и да ги уништат, а во одредени случаи се изрекуваат и дополнителни казни, особено ако се утврди обид за прикривање или поголеми количини.
Дозволено е внесување на ограничени количини храна која е фабрички спакувана и не се расипува, како и посебни категории како храна за бебиња или медицински потреби, но и тие подлежат на строги ограничувања во тежина. Слично важи и за храната за домашни миленици, која исто така е ограничена на мали количини.
Кога станува збор за цигари и алкохол, правилата се уште построги за патници од земји надвор од Европската унија. Дозволени се само минимални количини, а малолетници немаат право да пренесуваат тутун или алкохол воопшто. Дополнително, готовина над 10.000 евра мора задолжително да се пријави на граница.
Иако многу патници сè уште носат храна од дома со цел да заштедат за време на одморот, експертите предупредуваат дека тоа често носи повеќе ризик отколку корист. Казните, одземањето на производите и дополнителните контроли можат да го претворат патувањето во непријатно искуство уште на самиот почеток на летувањето.








