Вишиот суд во Белград донесе нова првостепена пресуда со која родителите на Коста К., момчето кое на 3 мај 2023 година уби девет ученици и еден обезбедувач во основното училиште „Владислав Рибникар“, се осудени на затворски казни, јавува Blic.rs.
Таткото, Владимир Кецмановиќ, е осуден на 14 години и шест месеци затвор за кривичните дела занемарување и злоупотреба на малолетно лице, како и тешко кривично дело против јавната безбедност. Мајката, Миљана Кецмановиќ, е осудена на две години и 11 месеци затвор за истото кривично дело поврзано со занемарување и злоупотреба на малолетно лице.
Станува збор за втора првостепена пресуда во овој случај, при што и обвинителството и одбраната имаат право на жалба пред Апелациониот суд во Белград.
Во текот на постапката, главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, побара од судот да бидат изречени максимални затворски казни. Обвинителството предложи единствена казна од 14 години и 11 месеци за таткото, како и три години затвор за мајката, оценувајќи ја нивната одговорност како сериозна.
Одбраната, пак, побара ослободителни пресуди, тврдејќи дека обвиненијата не се докажани и дека нема доволно основ за вакви казни.
Судењето беше повторено откако Апелациониот суд во Белград ја поништи претходната пресуда и наложи ново судење, со што целиот процес повторно се врати пред првостепениот суд.








