Најновите статистички податоци за октомври 2025 година покажуваат јасна слика: Србија ја има убедливо најниската инфлација во регионот, додека Македонија се наоѓа во горниот дел од листата, со раст на цените над регионалниот просек – но сепак под нивоата на земјите со најсилни инфлациски притисоци.
Во октомври, Србија забележа инфлација од само 2,8 проценти, што ја прави најстабилна економија меѓу земјите надвор од Европската Унија што се анализирани. Ова е значаен контраст со земјите околу неа, каде инфлациските трендови и понатаму се повисоки.
Македонија, пак, постигна инфлација од 4,5 проценти, што ја сместува повисоко на регионалната скала – подобро од Црна Гора, но полошо позиционирана од Босна и Херцеговина, Унгарија и Хрватска.
Највисока инфлација и понатаму има Романија, која и овој месец го држи несаканиот рекорд со 8,4 проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека очекува годишната инфлација да заврши меѓу 3,5 и 4 проценти, што според него е едно од пониските нивоа во Европа. Тој не беше изненаден од октомвриските 4,5 проценти и ја објасни стапката со ниската база од минатата година, кога беа имплементирани мерки за замрзнување на маржите во трговијата.
Позитивен сигнал за економијата е што инфлацијата на месечно ниво во октомври бележи намалување од 0,2 проценти. Најголем придонес за ова пад имаат намалените трошоци за транспорт (–6,1%), мебел и одржување на домаќинства (–0,3%), како и намалувањето во категоријата образование и култура (–0,1%).
Од друга страна, раст на трошоците е забележан кај алкохолни пијалоци и тутун, облека и обувки (1,2%), храна и безалкохолни пијалоци (0,3%) и домување (0,2%).
Иако трендот покажува мало смирување, споредбата со останатите земји од регионот открива дека инфлацијата во Македонија и понатаму е релативно висока, и дека потребни се дополнителни економски мерки за стабилизација на цените.
















