Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека задолжителниот воен рок во земјата би можел да започне во декември 2026 или март 2027 година, во зависност од подготвеноста на воените капацитети и инфраструктурата.
По состанокот со военото раководство за анализата на состојбата на српските вооружени сили за 2025 година, Вучиќ изјави дека конечната одлука ќе биде донесена во наредните еден до два месеца, по што предлогот ќе биде доставен до Собранието.
– Наскоро ќе ја донесеме одлуката и ќе започнеме со регистрација на регрутите – изјави Вучиќ на 29 јануари.
Тој потсети дека воениот рок ќе трае 75 дена, но нагласи дека пред тоа мора да се завршат подготовките.
– Имаме доволно оружје и опрема, но дел од објектите сè уште не се целосно подготвени. Потребно е реновирање на регрутните центри, подобрување на клиниките и други инфраструктурни зафати – рече претседателот.
Според него, целта е младите да ја служат војската во добри услови, каде што ќе стекнат чувство на одговорност, дисциплина и патриотизам.
Потребна е одлука на парламентот
Воведувањето на задолжителниот воен рок мора да биде одобрено од српскиот парламент преку закон. Идејата за враќање на воената служба се најавуваше со години, а конкретно беше покрената во јануари 2024 година, кога Генералштабот официјално предложи ваква мерка.
Во септември 2024 година, Вучиќ потпиша договор за враќање на задолжителниот воен рок, кој беше укинат на 1 јануари 2011 година, по што служењето војска во Србија стана исклучиво доброволно.
Тренд и во регионот
Србија не е единствена во регионот што размислува за ваков чекор. Во октомври 2025 година, и Хрватска гласаше за враќање на задолжителниот воен рок.
Меѓу европските и светските земји кои сè уште имаат задолжителна воена служба се Швајцарија, Норвешка, Данска, Финска, Австрија, Турција, Естонија, Грција, Кипар, како и Украина, Русија и Белорусија.

















