Апелацискиот суд во Белград донесе правосилна пресуда со која Зоран Бобиќ е осуден на една година затвор поради нанесување тешка телесна повреда со смртен исход на познатиот хармоникаш Ратислав Благојевиќ.
Трагедијата се случила на 5 април 2024 година во ноќен клуб во Белград, каде што меѓу двајцата мажи избувнала вербална расправија, која подоцна прераснала во физичка пресметка.
Според судските документи, Бобиќ во текот на конфликтот се здобил со полесна повреда, по што го удрил Благојевиќ со тупаница во левата страна од лицето.
Од силниот удар, музичарот изгубил свест, паднал покрај шанкот и ја удрил главата.
При падот се здобил со тешки повреди, вклучително и внатрешно крвавење, кои довеле до смртен исход.
Судот утврдил дека Бобиќ во моментот на инцидентот бил под дејство на алкохол и во состојба на значително намалена пресметливост, придружена со силен гнев и емоционална вознемиреност.
Во пресудата се наведува и дека обвинетиот бил доведен во состојба на силна раздразнетост поради претходен напад и тешки навреди од страна на оштетениот.
Апелацискиот суд ги отфрлил сите поднесени жалби како неосновани и ја потврдил одлуката на Вишиот суд во Белград.
Со ова, казната од една година затвор станала правосилна.
Бобиќ е осуден за кривично дело тешка телесна повреда со смртен исход, а не за убиство.









