Плажата Посиди, која се наоѓа на западниот брег на Касандра, првиот прст на Халкидики, изгледа како рај за туристите и љубителите на природата. Нејзиниот долг ’рт што продира длабоко во морето создава неверојатни пејзажи и фотографии. Но, зад оваа природна убавина се крие сериозна опасност.
Причината зошто Посиди се смета за една од најризичните плажи во Грција се силните морски струи кои лесно можат да ги одвлечат пливачите, особено оние со помалку искуство или недоволна внимателност. Плажата е меѓу еден и два километри долга и е сосема дива – без инфраструктура како кафулиња, чадори или лежалки, што ја прави уште поизолирана и потешка за брза реакција при непредвидени ситуации.
Трагичниот настан пред три години е сведоштво за опасноста: тројца млади момчиња од Македонија беа одвлечени од силните струи додека се капеа за време на забава на плажата. Едно од момчињата беше пронајдено брзо, второто се држеше за топка која ја носеше морето и беше спасено по 19 часа, но за жал, третото никогаш не беше најдено, и покрај големата потрага.
Според грчкиот весник „Етнос“, покрај Посиди, на листата на најопасни плажи во Грција се и:
- Лаларија (остров Скијатос)
- Матала (остров Крит)
- Нас (остров Икарија)
- Хорефто (регион Пелион)
- Платиа Амос (остров Кефалонија)
- Калами (остров Китира)
На овие локации секогаш треба да се внимава и да се почитуваат предупредувањата, дури и ако морето изгледа мирно. Природата е прекрасна, но секогаш треба да ја почитуваме и да се грижиме за нашата безбедност.