Несекојдневен и вознемирувачки инцидент се случил на плажа во близина на Патра, Грција, каде 64-годишна жена била нападната од морско суштество додека мирно пливала во водата.
Според нејзиното сведоштво, таа влегла во морето без да очекува опасност, но во еден момент почувствувала силен удар и остра болка. Жената подоцна опишала дека суштеството имало „глава како зајак“, по што се претпоставува дека станува збор за инвазивната риба Lagocephalus sceleratus, позната и како сребренообразен фугу.
Нападот предизвикал повреда во пределот на вратот, многу блиску до каротидната артерија, што дополнително ја зголемило загриженоста кај присутните. Луѓето кои биле во нејзина близина веднаш реагирале и повикале помош, по што жената била пренесена во медицинска установа за третман.
Лекарите ја обработиле раната, ѝ дале заштита против тетанус и препишале антибиотска терапија. Според сведоштвата, инцидентот го потврдила и жената која во тој момент била со повредената на плажата.
Опишувајќи го настанот за грчката телевизија „Мега“, 64-годишната жена раскажала дека одеднаш забележала нешто како се движи кон неа, по што почувствувала каснување. Таа успеала да го отстрани животното од себе и веднаш побарала помош од луѓето околу неа.
„Беше големо, не беше мало“, изјавила жената, додавајќи дека во моментот на нападот била во паника и не можела со сигурност да го идентификува суштеството.
Рибата за која се претпоставува дека стои зад нападот потекнува од Индискиот и Тихиот Океан, но во последните години сè почесто се забележува и во Средоземното Море. Експертите предупредуваат дека станува збор за вид со многу силни заби, способен да предизвика сериозни повреди.
Дополнителна опасност претставува фактот што оваа риба содржи тетродотоксин – исклучително силен природен отров. Поради тоа, нејзиното месо не смее да се консумира, бидејќи може да биде опасно по здравјето.
Случајот повторно го привлече вниманието кон ширењето на инвазивните морски видови во Средоземјето и потребата капачите да бидат внимателни при престој во вода, особено во области каде што вакви видови сè почесто се појавуваат.









