Почна сезона на летни годишни одмори, а голем број туристи деновиве масовно заминуваат на патување во Грција. За сите оние кои патуваат со автомобил не треба посебно да се нагласува колку Грците го поострија Законот за безбедност во сообраќајот, па затоа треба да бидете внимателни за да не направите прекршок или да ги загрозите останатите учесници во сообраќајот. Од друга страна, прописите не ги кршат само возачите, туку и пешаците. За првпат новите правила посветуваат посебно внимание и на обврските на пешаците, а пешачките премини се чувствителни сообраќајни точки каде што можат да бидат казнети и едните и другите.
Всушност, постојат прописи кои се однесуваат на сообраќајот во Грција кои се помалку познати, па учесниците во сообраќајот се изненадуваат кога ќе им стигне казната. Еден од нив се однесува токму на преминувањето на пешачки премин.
Иста казна за два целосно различни прекршоци
Новиот Закон за безбедност во сообраќајот на Грција, кој е на сила од септември минатата година, донесе неколку измени кои предизвикаа бројни реакции во јавноста, а една од нив се однесува на пешачките премини.
Според новите правила, и возачот кој го блокира пешачкиот премин и пешакот кој ја преминува улицата на црвено светло можат да бидат казнети со по 30 евра, пишува грчкиот сајт „Мототрити“.
Иако паричниот износ е ист, станува збор за целосно различни прекршоци кои носат и различни последици.
Што ако се застанете на пешачки премин?
Многу возачи се нашле во ваква ситуација барем еднаш, често и ненамерно. Сообраќајот наеднаш запира, семафорот го менува сигналот, а автомобилот останува заглавен на обележаниот пешачки премин.
Според новите прописи, заземањето на пешачкиот премин се смета за прекршок бидејќи го попречува безбедното движење на пешаците. Поради тоа е предвидена казна од 30 евра, додека во случај на запирање или паркирање на самиот премин, можат да следуваат и дополнителни административни санкции.
Сепак, важно е да се направи разлика меѓу блокирање на пешачки премин и поминување на црвено светло. Доколку возачот ја премине линијата за запирање и влезе во раскрсницата додека на семафорот е вклучено црвено светло, казните се значително построги.
И за пешаците казна од 30 евра
За првпат новите прописи посветуваат посебно внимание и на обврските на пешаците. Така, лицето кое ја преминува улицата додека на пешачкиот семафор е вклучено црвено светло може да биде казнето со 30 евра.
Целта на оваа мерка е да се подигне нивото на безбедност во сообраќајот, бидејќи одговорност не сносат само возачите, туку сите учесници во сообраќајот. Надлежните сакаат да ги намалат ризичните однесувања кои често доведуваат до незгоди во урбаните средини.
Поминување на возач на црвено – казна 700 евра
Најмногу дилеми предизвикува разликата меѓу блокирањето на пешачкиот премин и поминувањето на црвено светло.
Ако возилото се запре на пешачкиот премин, но не ја преминало линијата за запирање на семафорот, тоа не се смета за поминување на црвено. Меѓутоа, доколку возачот продолжи да се движи низ раскрсницата додека на семафорот свети црвено, се применуваат многу построги казни.
Во тој случај предвидена е парична казна од дури 700 евра, како и одземање на возачката дозвола во времетраење од 60 дена.
Поради тоа, иако казната од 30 евра за блокирање на пешачкиот премин изгледа безопасно, станува збор за прекршок кој може да ја загрози безбедноста на пешаците и да создаде дополнителни проблеми во сообраќајот.








