ПРВ.мк
Балкан

„НЕ СМЕ ТУРИСТИ, НИ МИГРАНТИ“: Камионџиите ги затворија границите – еве каде има блокади!

„НЕ СМЕ ТУРИСТИ, НИ МИГРАНТИ“: Камионџиите ги затворија границите – еве каде има блокади!
Kristal

Од денеска напладне, сите десет гранични премини во државата се блокирани за товарен сообраќај, откако македонските превозници го започнаа протестот против воведувањето на новиот електронски систем за евиденција на влез и престој во Шенген зоната (ЕЕС). Исклучок има само за превоз на лекови и материјали наменети за болниците, жива стока, експлозив и муниција.

Блокадите не се само во Македонија – паралелни протести се одвиваат и на граничните премини во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Превозниците од Западен Балкан заеднички реагираат на, како што велат, „несоодветен третман“ од Европската комисија и земјите од Шенген зоната кон професионалните возачи, кои се третираат како туристи наместо како работници.

Блокадите имаат поддршка и од Владата, која се обидува да посредува за изнаоѓање решение. Проблемот, иако постои со години, со воведувањето на новиот ЕЕС систем за електронско евидентирање, кој ќе почне да важи од 10 април, добива нова димензија.

Според Билјана Муратовска од здружението на превозниците „Макамтранс“, тешките товарни возила најпрвин ќе го блокираат излезот од државава, а од полноќ ќе почне и блокадата за влез во државава. Таа потенцира дека во протестот ќе бидат пропуштани само патничките возила, автобусите и специјалниот транспорт на витални материјали.

Муратовска нагласи дека протестот не е само македонски, туку регионален, бидејќи четири земји од Западен Балкан покажуваат како може да се наруши синџирот на снабдување ако не се најде решение. Поддршка добиле и од турските превозници, кои нема да користат алтернативни рути, туку ќе останат на граничните премини.

Причината за протестот е новата регулатива според која возачите од 10 април ќе можат да престојуваат најмногу 90 дена во Шенген зоната во период од 180 дена. Превозниците сметаат дека ова правило, кое првично важело само за пет-шест земји, денес, со 29 земји во Шенген зоната, сериозно ја отежнува професионалната работа на возачите.

Муратовска истакна дека нема економска логика да се вработуваат по двајца возачи на едно возило заради ограничувањето на деновите на престој, што создава огромни трошоци за компаниите и самите работници. Таа нагласи и дека железничкиот, бродскиот и авио превоз не се предмет на истите правила, што според неа претставува дискриминација кон патниот транспорт.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски беше на граничниот премин Блаце и им даде поддршка на превозниците. Според него, постојат три можни решенија: одложување на примената на ЕЕС системот, зголемување на дозволениот период за престој или правилата да се приспособат за професионалните возачи како работници, а не како туристи.

Тој предупреди дека, ако не се најде решение, ситуацијата ќе има сериозни последици не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата на ЕУ, поради нарушување на трговските коридори и транспортните врски.

Освен во Македонија, блокади се спроведуваат и во Србија, БиХ и Црна Гора. Таму превозниците најавуваат дека нема да го повлечат протестот додека не се постигне договор, при што е договорено да се пропушта непречено само транспортот на лекови, жива стока, муниција и експлозив.

Во Македонија, затворени за товарен сообраќај се следниве гранични премини:

  • Деве Баир
  • Делчево
  • Ново Село
  • Дојран
  • Богородица
  • Меџитлија
  • Ќафасан
  • Блаце
  • Блато
  • Стење

Патничкиот сообраќај на сите премини се одвива нормално.

Протестите започнаа на 26.01.2026 година во 12:00 часот за излез од државава, а блокадата за влез ќе почне во 24:00 часот истата вечер, со намерa домашните превозници кои се враќаат да имаат пристап до своите бази.

Протестот е закажан да трае еден до седум дена, во зависност од реакцијата на Европската унија. Возачите порачуваат дека ова е сигнал – порака што може да се случи ако правилата не се менуваат, предупредувајќи дека во април, наместо протести, камионите можеби целосно ќе престанат да сообраќаат преку Шенген зоната.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo