ПРВ.мк
Свет

Го нарекуваат водач на „Гестапо“: Кој е Грег Бовино и зошто Америка протестира?

Го нарекуваат водач на „Гестапо“: Кој е Грег Бовино и зошто Америка протестира?
Kristal

Грегори Кент Бовино, висок функционер на американската Служба за имиграција и царина (ICE) и Граничната патрола, стана една од најконтроверзните личности во САД. За едни тој е симбол на „цврста рака“ и безкомпромисна борба против нелегалната имиграција, а за други – архитект на полициска бруталност и милитаризација на федералните служби, поради што критичарите го нарекуваат „водач на Гестапо“.

Од граничен агент до лице на имиграциската офанзива

Бовино, роден во Северна Каролина и со речиси 30 години служба во Граничната патрола, ја изгради својата кариера во сенка, сè до враќањето на Доналд Трамп на претседателската функција. Како шеф на Граничната патрола во Ел Центро, Калифорнија, тој се истакна со агресивни акции против мигрантите, вклучувајќи рации далеку од границата, кои предизвикаа страв и револт кај локалните заедници.

Иако тврдеше дека цел на акциите се „криминалци“, официјалните податоци покажаа дека од десетици приведени, само едно лице имало криминално досие. Сепак, токму тој пристап му донесе поддршка од републиканците и забрзано унапредување.

Денес, секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем го нарекува „генерален командант“ на Граничната патрола, а Бовино ги предводи најагресивните федерални операции против мигрантите, особено во демократски ориентирани градови како Лос Анџелес и Чикаго.

Насилство, судови и протести

Операциите под негова команда често завршуваа со судири со граѓани и активисти. Во Чикаго, федерални агенти користеа солзавец и гумени куршуми против мирни демонстранти. Овие случаи стигнаа и до судовите – федерална судијка дури нареди секојдневно известување за апсењата, загрижена за уставноста на дејствијата, иако таа одлука подоцна беше суспендирана.

Бовино лично беше снимен како фрла солзавец во толпа, и покрај судска забрана. За разлика од агентите со маски, тој настапуваше откриено, градејќи имиџ на „непопустлив“ командант.

Контроверзии и обвиненија

Ова не е прв пат Бовино да се соочи со сериозни обвинувања. Во 2022 година, двајца афроамерикански вработени поднесоа тужба за расна дискриминација, тврдејќи дека биле прескокнати за унапредување во корист на негов близок пријател. Судот најде индиции за пристрасност, а случајот заврши со вонсудска спогодба.

Дополнително, Бовино е познат по користење пропагандни видеа и милитаристичка реторика. Тој е единствениот шеф на Граничната патрола кој на својот профил на X (поранешен Твитер) се прикажува вооружен, во панцир, со автоматска пушка. Дел од видеата објавени од неговиот тим беа отстранети поради јавни реакции и обвинувања за ширење страв и дехуманизација на мигрантите.

Смртни случаи што ја запалија јавноста

Незадоволството кулминираше по смртта на 37-годишниот Алекс Прети во Минеполис и на Рене Никол Гуд, случаи во кои беа вмешани агенти на ICE. Иако Министерството за внатрешна безбедност тврди дека станува збор за самоодбрана, видеа и сведоштва сугерираат дека жртвите биле невооружени.

Особено бурна реакција предизвика изјавата на Бовино дека Прети бил убиен затоа што „верувал на политичари и новинари кои го критикуваат ICE“. Ова доведе до масовни протести, повици за негова оставка и истраги за злоупотреба на моќта.

Поларизирана Америка

За поддржувачите, Бовино е дисциплиниран и решителен офицер кој ја брани државата. За критичарите, тој е симбол на милитаризирана, неказнива федерална сила која ги гази граѓанските права.

Додека протестите продолжуваат во Минеполис и други американски градови, прашањето останува отворено: дали Грег Бовино е заштитник на границите – или лице на една опасна трансформација на државната моќ во САД?

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo