Четири лица се уапсени во Република Српска во рамки на истрага за сомневања дека преку социјалните мрежи разменувале материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца, контактирале малолетници и ги наведувале да создаваат порнографски содржини, пренесуваат локалните медиуми.
Апсењата се дел од меѓународната оперативна акција со кодно име „Мозаик 2026“, во која се вклучени полициски служби од повеќе земји, меѓу кои и Македонија, како и Европол.
Во акцијата учествуваат Министерството за внатрешни работи на Република Српска, Европол и полициските структури од Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Хрватска, со цел откривање и сузбивање на активности поврзани со злоупотреба на деца преку интернет.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи на Република Српска, четворицата осомничени се товарат за кривично дело искористување деца за порнографија, кое е предвидено во член 175 од Кривичниот законик.
Во рамки на истрагата, а по добиени судски наредби, полициските службеници извршиле претреси на пет локации поврзани со осомничените. При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, УСБ-уреди, мемориски и СИМ-картички, како и други средства на кои може да се чуваат дигитални податоци.
Одземената опрема ќе биде предмет на понатамошни проверки и анализа во рамки на истрагата, која се спроведува во координација со полициските служби од земјите учеснички во меѓународната акција.






