Мнозинството хрватски граѓани сметаат дека земјата се движи во погрешна насока, а како најголеми проблеми ги издвојуваат корупцијата, инфлацијата, ниските плати и пензии, како и растечката сиромаштија. Ова го покажуваат резултатите од декемвриската анкета „Кробарометар“.
Според истражувањето, кое беше објавено во Дневникот на хрватската телевизија Нова ТВ, дури 69 проценти од испитаниците изјавиле дека Хрватска оди во погрешен правец. Само 22 проценти сметаат дека земјата е на вистинскиот пат, додека девет проценти не дале одговор.
Кога станува збор за политичката поддршка, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и натаму е прв избор кај граѓаните. Доколку изборите се одржат сега, 27,8 проценти од испитаниците би гласале за ХДЗ. На второ место е опозициската Социјалдемократска партија (СДП) со поддршка од 20,6 проценти.
Во однос на претходниот месец, ХДЗ бележи благо зголемување, додека поддршката за СДП стагнира. Трета е платформата „Можемо“ со 11,1 процент, што е мал пад во споредба со ноември. Единствено уште „Мост“ го поминува изборниот праг, со поддршка од 6,7 проценти.
Најголемиот коалициски партнер на ХДЗ, „Татковинско движење“, годината ја завршува со само четири проценти поддршка.
Во однос на личните рејтинзи, претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, е најпозитивно оценет политичар – 60 проценти од испитаниците имаат позитивно мислење за него. По него следува министерот за одбрана Иван Анушиќ со 41 процент, додека премиерот Андреј Пленковиќ и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, делат трето место со по 35 проценти позитивни оценки.
Од друга страна, најнегативен впечаток кај граѓаните оставил лидерот на „Татковинско движење“, Иван Пенава, кого негативно го оцениле 61 процент од испитаниците. Потоа следуваат премиерот Пленковиќ со 56 проценти негативни оценки, како и претседателот на Парламентот, лидерот на СДП и градоначалникот на Загреб, кои негативно ги оцениле 54 проценти од анкетираните.
Работата на Владата на премиерот Пленковиќ ја одобруваат помалку од 30 проценти од граѓаните, додека 65 проценти изразиле незадоволство од нејзиниот учинок.
Анкетата е спроведена во периодот од 1 до 19 декември, со методот CAPI, на репрезентативен примерок од 994 полнолетни граѓани од цела Хрватска.















