Во Бугарија се активираше нова функционалност на тол-системата која ќе мери просечна брзина на возилата, преку 294 камери поставени низ целата земја. Камерите се распоредени во парови на секоја патна делница, а во Југозападниот регион веќе се поставени 10 вакви отсечки.
Системот се базира на препознавање на регистарски таблички и категорија на возило, при што се следи влезната и излезната точка на секоја делница. Податоците веднаш се испраќаат до поврзан интерфејс со Министерството за внатрешни работи (МВР), но засега нема изречени казни бидејќи периодот е тестов.
Според директорот на системот, Олег Асенов, камерите ќе можат да следат и агресивно возење, како што е возење на мала дистанца. Најдобра ефикасност ќе има на кратки делници од 2 до 20 километри. Во првата фаза ќе се опфатат околу 80 вакви делници, кои ќе се воведуваат постепено.
На рутите Софија – Кулата ќе има меѓу 8 и 10 делници со мерење на просечна брзина, на Софија – Варна до 12, а на Софија – Пловдив околу 4 или 5. На делницата Тројан – Софија веќе има девет камери. Сите поставувања ќе бидат направени со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот.