ПРВ.мк
Балкан

МОСТАР ПОД ЧАД: Депонијата гори, воздухот опасен, градот пред еколошка и здравствена криза!

МОСТАР ПОД ЧАД: Депонијата гори, воздухот опасен, градот пред еколошка и здравствена криза!

Градот Мостар се соочува со сериозна еколошка и санитарна состојба откако пожар на градската депонија во населбата Врапчиќи предизвика неколкудневно загадување на воздухот, а паралелно се јавија и проблеми со собирањето и транспортот на отпадот.

Пожарот, кој избувнал во понеделникот, во два наврати повторно се активирал, поради што голем дел од градот веќе четири дена е под постојан чад и зголемено ниво на загаденост. Според податоците од меѓународниот систем за следење на квалитетот на воздухот „IQAir“, граѓаните биле изложени на зголемен здравствен ризик при престој на отворено, а концентрацијата на штетни честички е неколку пати повисока од препорачаните вредности на Светската здравствена организација.

Иако пожарот е ставен под контрола, чадот и понатаму се издига од локацијата, што дополнително ја влошува ситуацијата и предизвикува загриженост кај локалното население, особено поради високите летни температури кои достигнуваат и до 40 степени.

Паралелно со пожарот, градот се соочува и со сериозен проблем во системот за одвоз на отпад. Повеќе стотици тони смет се насобрани во Мостар, бидејќи дел од жителите и политички активисти го блокираат пристапот до претоварната станица каде што отпадот треба да се транспортира понатаму.

Овие блокади, според локалните власти, дополнително ја усложнуваат состојбата и создаваат ризик од појава на зарази, особено во услови на високи температури и забавен проток на комуналните услуги.

Градските власти информираат дека секојдневно во Мостар се создаваат околу 120 тони отпад, додека во моментов во градот се акумулирани приближно 500 тони смет кои чекаат транспорт.

Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, упати апел до граѓаните да ги прекинат блокадите и да дозволат нормално функционирање на системот за одвоз на отпад, предупредувајќи дека состојбата станува сè посериозна и дека штетата ја трпат сите жители на градот.

Тој нагласи дека градот се наоѓа во вонредни околности и дека одлуките на Кризниот штаб за цивилна заштита мора да се почитуваат. Воедно посочи дека попречувањето на нивното спроведување може да има и правни последици, вклучително и кривична одговорност и санкции.

Додека институциите се обидуваат да воспостават контрола над ситуацијата, комбинацијата од пожар, чад, загаден воздух и насобран отпад создава сериозен притисок врз градот, кој во исто време бележи и зголемен број туристи во текот на летната сезона.