Сензација на плажа во Будва: Транспарентна риба налик на суштество од научна фантастика
На плажата Плоче, во близина на Будва, се појави вистинска морска сензација – целосно транспарентна риба која, на прв поглед, повеќе наликува на суштество од научно-фантастичен филм отколку на нешто што навистина постои во природата. Снимката од ова необично морско суштество брзо се прошири на Инстаграм, предизвикувајќи лавина од реакции, коментари и фасцинација кај корисниците.
Станува збор за таканаречената риба салпа (Salpa maxima) – ретка морска единка која речиси никогаш не се среќава во плитките води, а уште поретко на самиот брег.
Нејзиното тело е транспарентно, наликува на желатин и изгледа како направено од стакло – толку нереално што многумина во прв момент не веруваат дека станува збор за вистинско живо суштество. Салпите се хранат со планктони и се сосема безопасни за луѓето.
Она што ги прави уште поинтересно е нивниот начин на движење – се движат со ритмички контракции на телото, филтрирајќи ја водата додека се хранат со микроскопски алги. Дополнително, салпите се колонијални организми – составени од повеќе индивидуални единки кои функционираат како еден организам.
Нивното транспарентно тело претставува совршена одбрана во морските длабочини, бидејќи буквално ги прави невидливи за потенцијалните предатори.
Иако изгледаат како вонземјани, салпите не претставуваат никаква опасност за човекот. Напротив, нивното присуство е знак на чиста и еколошки здрава морска средина.
Овој неочекуван гостин на Плоче потсетува на тоа колку е морето полно со чуда – скриени светови што чекаат да бидат откриени, документирани и споделени со остатокот од светот… дури и преку Инстаграм.