Во Мелник и Рожен, на 27 април 2025 година, беше свечено одбележана 110-годишнината од убиството на Јане Сандански, големиот македонски револуционер познат како „царот на Пиринот“. Настанот беше организиран од повеќе македонски организации, меѓу кои ОМО „Илинден“-ПИРИН, ОМО „Илинден“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија и Македонското меѓународно движење за човекови права.

И покрај заплашувачката кампања која се водеше преку бугарските социјални мрежи и медиуми, како и проблемите на границата со забраната за влез на Тихомир Стојановски, на соборот се собраа многу Македонци од Пиринска Македонија, Република Македонија, Егејска Македонија, Бугарија и дијаспората. Присуствуваа бројни делегации, меѓу кои претставници на ВМРО-ДПМНЕ, ИНТЕГРА, Друштвото на Македонците од Егејска Македонија и македонската амбасада.

Панихида на гробот на Сандански одржа отец Никодим Царкњас, а со поздравен говор настапи претседателот на ОМО „Илинден“ Кирил Тилев. Соборот го отвори ко-претседателот на ОМО „Илинден“-ПИРИН, Стојко Стојков, кој порача дека како и Јане некогаш, така и денес македонското малцинство во Бугарија се спротивставува на шовинизмот и негирањето на македонскиот идентитет.

Настанот беше збогатен со настапи на ансамблите „Јане Сандански“ од Ново Село и „Пирински Глас“ од Разлог, како и настапи на Круме Спасовски, Василија Петрова и оркестарот на Панчо Иванов. Се пееја македонски песни, се играа македонски ора и се вееја македонски знамиња.

Организаторите упатија благодарност до сите кои ја дадоа својата поддршка со пораката дека следната година ќе бидат уште побројни.