Од 2027 година Германија планира значително да го намали бројот на работници кои преку Регулативата за Западен Балкан можат да добијат можност за работа во земјата. Наместо досегашните 50.000 работници годишно, планот е квотата да биде преполовена, што директно би ги опфатило и граѓаните од Северна Македонија.
Регулативата ги опфаќа Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, а преку неа работници од овие земји можат да заминат во Германија доколку имаат обезбедено работно место и добијат место во годишната квота.
За користење на оваа можност, според правилата на регулативата, не е задолжително кандидатите да поседуваат доказ за познавање на германскиот јазик или формална стручна квалификација. Најважно е да имаат конкретна понуда за работа и да бидат опфатени со расположливата квота.
Регулативата беше воведена во 2016 година, со цел Германија истовремено да го намали бројот на неуспешни барања за азил од земјите на Западен Балкан и да овозможи легален пристап до германскиот пазар на труд за работници во професии каде што има недостиг на кадар.
Во 2024 година квотата беше зголемена на 50.000 работници годишно. Сега германската влада размислува за нејзино повторно намалување.
Планот, сепак, наидува на критики од германскиот бизнис сектор. Работодавачите предупредуваат дека намалувањето на бројот на достапни работници може дополнително да го отежне пополнувањето на слободните работни места во повеќе индустрии.
Особено се издвојуваат градежништвото, логистиката и угостителството, каде работниците од земјите на Западен Балкан веќе претставуваат значаен извор на работна сила.
Дополнителен проблем се очекува да биде градежниот сектор. Германија планира големи инвестиции преку државни фондови, што би можело да создаде нови работни места и дополнителна потреба од работници. Токму затоа германските работодавачи сметаат дека намалувањето на квотата би можело да дојде во незгоден момент.
На сличен ризик предупредува и Сојузната агенција за вработување на Германија, од каде што се посочува дека ограничувањето би можело да им го отежни на германските компании пристапот до работници од регионот.
Ванеса Ахја, членка на Управниот одбор на Агенцијата задолжена за меѓународни прашања, посочува дека досегашниот модел овозможил висок степен на интеграција на работниците од Западен Балкан во германскиот пазар на труд.
Поради тоа, дел од германските политичари бараат регулативата да остане во сегашната форма. Пратеничката од ЦДУ, Сандра Карстенсен, за „Цајт“ изјавила дека, имајќи го предвид недостигот од работна сила во Германија, правилото наместо да се ограничува би требало дополнително да се проширува.
За македонските граѓани кои планираат да бараат работа во Германија, евентуалното намалување на квотата би значело помал број достапни места преку овој механизам од 2027 година, иако конечните правила и бројката зависат од одлуките на германските власти.








