ПРВ.мк

Лажен доктор од Македонија мамел постари лица во Загреб и Сплит – успеал да украде речиси 280.000 евра

Лажен доктор од Македонија мамел постари лица во Загреб и Сплит – успеал да украде речиси 280.000 евра
Jumbo Banner

Загребската полиција разоткри македонски државјанин осомничен за серија измами од речиси 280.000 евра

Хрватската полиција привела 26-годишен државјанин на Северна Македонија, осомничен за осум кривични дела измама со кои, според проценките, предизвикал материјална штета во износ од дури 278.850 евра.

Како што информираат од Полицијата на Загреб, осомничениот заедно со две засега непознати лица – маж и жена – во периодот од 9 до 30 април таргетирале постари граѓани во Загреб, Велика Горица и Сплит. Се претставувале лажно како лекари од хрватски, а во еден случај и од американски болници, тврдејќи дека блиски роднини на жртвите доживеале тешки сообраќајни несреќи и им е неопходна итна операција – за да се спаси животот или да се избегне ампутација.

Жртвите, во шок и паника, биле убедувани итно да предадат пари или вреден накит. Осомничениот ги подигнувал парите директно од домовите на оштетените, веднаш по телефонските повици, и исчезнувал од местото.

По завршената кривична истрага, 26-годишникот е предаден во надзорниот притвор, а полицијата поднела посебен извештај до надлежното Јавно обвинителство во Загреб.

Хрватската полиција упати апел до сите граѓани, особено постарата популација, да бидат исклучително внимателни и да не наседнуваат на вакви телефонски измами. Во случај на сомнителен повик со слична содржина, веднаш да се прекине разговорот и да се алармира полицијата.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран