Во Солун запленети речиси 58 килограми кокаин скриени во контејнер со банани од Еквадор
Грчките власти заплениле речиси 58 килограми дрога, најверојатно кокаин, скриени во контејнер со банани што пристигнал од Еквадор на пристаништето во Солун, јавува дописничката на МИА од Атина.
Според соопштението на Крајбрежната служба на Грција, на 9 мај, при контрола на ладилник-контејнер со легален товар – банани, биле пронајдени 50 пластични пакувања со вкупна бруто тежина од 57 килограми и 919,6 грама.
Дрогата била откриена во механизмите за ладење, со помош на рендгенска проверка, од страна на припадници на Секторот за борба против дрога при Централната пристанишна управа во Солун.
Проценетата вредност на запленетата дрога изнесува околу 1,6 милиони евра.
Покрај дрогата, запленети се и контејнерот како средство за прикривање, како и специјален систем за следење, кој бил поставен заедно со нелегалниот товар.