Страшна сообраќајна несреќа го потресе регионот, откако четири лица го загубија животот во директен судир меѓу два автомобили на автопатот Рума–Шабац.
Несреќата се случила околу 13 часот во близина на клучката кај Хртковци, кога возач на „Форд“ се движел во спротивна насока по брзата лента. Според очевидци, тој возел со голема брзина и не реагирал на предупредувањата од другите возачи.
„Му свиркаа и му трепкаа со светла, но не забави – како да не беше свесен што прави“, изјавил сведок.
Во директниот удар со „голф“, автомобилите биле целосно уништени. На местото на несреќата загинале тројца – возачот на „Фордот“ и двајца патници од „голфот“. Возачот на „голфот“ бил пренесен во болница во тешка состојба, но подоцна им подлегнал на повредите.
Еден млад човек е во критична состојба, а на социјалните мрежи се споделуваат апели за дарување крв.
Спасувачките екипи со часови го сечеле лимот за да стигнат до жртвите. Патот бил затворен повеќе од пет часа, а колоните достигнале километри.
Само неколку минути пред несреќата, на социјалните мрежи кружеле предупредувања за возач кој се движи во спротивна насока кај Хртковци.
Истрагата е во тек и треба да утврди дали станува збор за човечка грешка, здравствен проблем или евентуално возење под дејство на алкохол или дроги.
Ова е трет случај на возење во спротивна насока на истиот дел од автопатот во последниот месец, што отвора прашања за безбедноста и контролата на сообраќајот на оваа делница.











